Женската фудбалска репрезентација на Македонија во новото издание на Лигата на нации ќе настапува во Ц сегментот, а УЕФА веќе ги одреди термините за одигрување на натпреварите од групната фаза.
Македонија се наоѓа во групата 3, заедно со селекциите на Израел, Андора и Фарски Острови.
Избраничките на селекторот Александар Андов настапот во новото издание на натпреварувањето ќе го започнат на 2 март следната година, кога на домашен терен ќе ја пречекаат Андора. Само четири дена подоцна, на 6 март, Македонија ќе биде домаќин и на селекцијата на Фарски Острови.
Во април следуваат два натпревари. На 20 април македонската репрезентација ќе му гостува на Израел, додека на 24 април повторно ќе се соочи со Андора, овојпат на гостински терен.
Последните два дуела од групната фаза се закажани за јуни. На 11 јуни Македонија ќе го пречека Израел, а четири дена подоцна, на 15 јуни, ќе гостува кај Фарски Острови.
Пласман во повисокиот ранг, односно во Б сегментот, директно ќе обезбеди победникот на групата. Дополнително, двете најдобри второпласирани селекции од Ц сегментот ќе играат бараж против двете најдобри третопласирани репрезентации од Б сегментот.