ГРК Охрид продолжува со победничкиот ритам во домашното првенство. „Гладијаторите“ на гостувањето во Кавадарци го надиграа Тиквеш со убедливи 39-25, во натпревар во кој уште во првиот дел не дозволија никаква неизвесност.
Охриѓани од самиот почеток ја презедоа контролата врз играта, а предноста постепено растеше. Веќе во 15. минута избраниците на Борис Ројевиќ имаа четири гола предност (8-4), по што продолжија да го диктираат темпото. На одмор заминаа со комотни шест гола позитива (17-11).
Ниту бројните ротации во составот на гостите во продолжението не ја променија сликата на теренот. Охрид ја задржа целосната контрола, дополнително ја зголеми разликата и на крајот стигна до убедлив триумф од 14 гола.
Со освоените бодови, Охрид сега има 19 на своето конто и се наоѓа на само еден бод зад лидерот Вардар, додека пред Еурофарм Пелистер има два бода предност. Сепак, двете екипи од Скопје и Битола имаат одиграно натпревар помалку.
Во стрелачкиот учинок кај охриѓани предничеа Доминик Мате и Тилен Стрмљан со по седум погодоци, Адама Кеита додаде шест, а голманот Славиќ забележа осум интервенции. Во домашниот состав најрасположени беа Гавидија со седум и Бен Махфуд со шест гола.
Убедливо издание и добра најава за она што следува – Охрид сега целосно се насочува кон европската сцена. Претстојниот викенд во СРЦ „Билјанини Извори“ го очекува двомечот со Драгунас Клаипеда, а двата натпревари од ЕХФ Европскиот Куп се закажани за 21 и 22 ноември, со почеток во 18:00 часот.