Ракометната федерација на Македонија ја довери судиската одговорност за едно од најголемите ракометни соочувања во земјата на добро познатата судиска двојка Димитар Митревски и Благојче Тодоровски.
Тие ќе бидат задолжени за делење на правдата на дуелот меѓу Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер, кој се игра во рамките на деветтото коло од Супер машката лига. За делегатскиот дел од организацијата ќе се погрижат Душко Камишевски и Лери Мирчески.
Скопскиот тим во пресрет на дербито се наоѓа на лидерската позиција на табелата и ќе се обиде пред своите навивачи да стигне до нов триумф, додека битолчани ќе гостуваат со желба да го нарушат планот на големиот ривал.
Вечното дерби меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер е закажано за 1 ноември, со почеток во 17:45 часот, во СЦ „Јане Сандански“.