Фудбалскиот клуб Победа од Тромеѓа донесе одлука да се повлече од понатамошното натпреварување во Третата македонска фудбалска лига – регион 2. Одлуката е официјално соопштена до Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), а како причина се наведуваат актуелната состојба и неможноста клубот да продолжи со исполнување на обврските што ги носи натпреварувањето.
Клубот од Тромеѓа, кој е формиран во 1977 година, ја започна сезоната во третолигашката конкуренција, но по седум одиграни кола одлучи да го прекине својот настап. Во официјалното известување се посочува дека одлуката е донесена по внимателно разгледување на состојбата и можностите за непречено функционирање на клубот.
И покрај вложениот труд, посветеноста и желбата за развој на фудбалот во Тромеѓа, од раководството посочуваат дека во овој момент не постојат услови за продолжување на натпреварувањето. Известувањето е доставено до ФФМ на 29 октомври 2026 година, а потпишано е од претседателот на клубот, Иван Цветковски.
„Со ова известување, Фудбалскиот клуб ФК Победа Тромеѓа, формиран во 1977 година, Ве известува дека донесе одлука за откажување од понатамошното учество во натпреварувањето во Трета лига.
Одлуката е донесена по внимателно разгледување на актуелната состојба и можностите за непречено функционирање на клубот и исполнување на сите обврски што ги носи натпреварувањето.
И покрај вложениот труд, посветеноста и желбата за развој на клубот и фудбалот во нашето место, во овој момент не сме во можност да продолжиме со натпреварувањето.
Ве молиме да го примите ова известување и да нè информирате за понатамошната административна постапка и обврските што произлегуваат од донесената одлука.
Ви благодариме за досегашната соработка и разбирање“, се вели во клупското соопштение.
- Победа Тромеѓа со две победи, две ремија и три порази по седум кола
Пред одлуката за повлекување од натпреварувањето, Победа Тромеѓа одигра седум натпревари во Третата лига – регион 2, во кои забележа две победи, две ремија и три порази.
Клубот освои вкупно осум бодови, со 11 постигнати и 16 примени погодоци, односно негативна гол-разлика од пет погодоци.
Со оваа одлука завршува натпреварувачкиот настап на Победа Тромеѓа во третолигашката конкуренција за оваа сезона, додека се очекува надлежните органи на Фудбалската федерација на Македонија да ја спроведат соодветната административна постапка и да ги утврдат последиците од повлекувањето во согласност со важечките прописи.

Повлекувањето на клуб со речиси петдецениска традиција претставува неповолен развој на настаните за локалниот фудбал во Тромеѓа. Останува надежта дека во иднина ќе се создадат подобри услови за стабилно функционирање на Победа и нејзино враќање на фудбалската карта.
Со повлекувањето на Победа од Тромеѓа од натпреварување во Трета лига регион 2 ќе продолжат со натпреварување девет регион со што овој регион е најмалиот регион по број на екипи кои се натпреваруваат.