Вардар и Еурофарм Пелистер во недела ќе ги одмерат силите во дербито од деветтото коло во Супер машката лига. За скопскиот состав, дуелот со големиот ривал доаѓа по период исполнет со бројни обврски, но амбициите остануваат непроменети – нова победа и продолжување на патот кон одбраната на шампионската титула.
Капитенот на „црвено-црните“, Васил Гогов, признава дека густиот распоред оставил трага врз екипата. Сепак, тој нагласува дека важноста на дербито и борбата за трофејот се доволна мотивација играчите да го надминат заморот и да го дадат максимумот на теренот.
„Нашата цел е да ја одбраниме шампионската титула. Зад нас е еден тежок месец, со многу натпревари и тренинзи. Заморот е присутен, но кога доаѓаат вакви натпревари, сето тоа се остава на страна.“
Гогов очекува Вардар да ја искористи енергијата што ја носи ваквата средба и да одигра пред исполнети трибини. Поддршката од навивачите, според капитенот, може да биде важен дел од атмосферата во која вардарци ќе се обидат да стигнат до посакуваниот исход.
„Мотивацијата и енергијата се присутни во екипата. Ќе дадеме сè од себе и се надевам дека ќе играме пред полна сала и во одлична атмосфера. Посакувам на крајот заедно со нашите навивачи да се радуваме на нова победа“, изјави Гогов.
Капитенот и соиграчите ќе имаат можност своите најави да ги преточат во дело пред домашната публика. Вардар го пречекува Еурофарм Пелистер в недела, на 1 ноември, од 17:45 часот во СЦ „Јане Сандански“, во натпревар што носи голем влог и дополнителен мотив за двата тима пред репрезентативната пауза.