Алкалоид останува со максимален ефект во Супер лигата, откако во „Автокоманда“ стигна до петтиот триумф во петтиот натпревар. Скопскиот состав во возбудлив финиш го совлада Тиквеш со 31-30, а кавадарчани во последниот напад не успеаја да стигнат до израмнување.
Домашниот тим подобро го отвори натпреварот и брзо стекна предност од 4-1. Тиквеш успеа да одговори и во еден момент да го врати резултатот во егал, 7-7, но Алкалоид повторно го презеде контролата. Со серија од 5-1 стигна до 13-8 и повторно создаде разлика.

Кавадарчани не дозволија мечот да биде решен уште во првиот дел. Со три последователни погодоци ја намалија негативата, па на одмор се замина со 18-15 за Алкалоид.
И во второто полувреме домаќинот имаше подобар старт. Со два брзи гола зголеми на 20-15, а предноста од три до пет гола ја одржуваше во најголемиот дел од продолжението. На десет минути до крајот семафорот покажуваше 28-23 и се чинеше дека Алкалоид оди кон мирна завршница.
Но Тиквеш не се предаде. Кавадарчани направија голем пресврт во финишот, постигнаа седум гола во последните десет минути, наспроти трите на домаќинот, и стигнаа до 30-30.

Кога мечот влезе во последната минута, Никола Костески го постигна голот за 31-30 и му ја донесе предноста на Алкалоид. Тиквеш потоа доби можност со последниот напад да се избори за бод, но обидот на Тоше Ончев не заврши во мрежата.
Мохамед Азиз Бен Махфуд беше најпрецизен на натпреварот со седум гола. Кај Алкалоид, по пет погодоци постигнаа Марко Митев и Никола Костески.
Со овој триумф, Алкалоид продолжува со максимален учинок по пет одиграни кола.