Синоќешната победа на Младост над Струга е силен ветер во грб за продолжението од првенството, особено што во следното коло одново во „Млаз“ ќе се игра повеќе од важен меч, соочувањето со Бутел.
Богданчани предводени од Горан Андоновски синоќа ја совладаа Струга со 30:28 и стигнаа до првата сезонска победа, која доаѓа во вистински момент.
Голманот на Младост, Горан Паунков за Спортска Мрежа истакна дека победата ќе биде ветер во грб и да се ослободат од тој притисок и Младост да биде подобар и подобар, целта е поставена – сигурен опстанок.
„Се надевам дека оваа победа ќе ни биде, како што рече, ветер, ветер во грб и ќе се ослободиме од тој притисок и ќе го гледаме од натпревар во натпревар Младост Богданци се подобар и подобар и ќе си ја зацртаме таа наша цел што ни е за оваа година — сигурен опстанок. Доста израмнети се сите екипи освен првата четворка — секој со секој игра. Искрено од 11 кола ние со сите екипи се носевме, освен што изигравме послабо со Тиквеш и со, еве, Алкалоид и Вардар да не ги броиме. Се надевам и на наредна победа против Бутел и на полесна пролет, можам да кажам, да си го зацртаме многу порано тоа што ни е потребно за оваа година“, вели голманот Горан Паунков за Спортска Мрежа.
Во следното коло во „Млаз“ одново ќе се навива и ќе се дава поддршка за Младост на уште еден важен меч – соочување со Бутел.