И кога резултатот е во втор план, има моменти кога спортот покажува дека е многу повеќе од натпревар. Таков момент се случи во Автокоманда, каде навивачите на Младост од Богданци му оддадоа почит на Борис Поп-Глигоров, првиот секретар и еден од луѓето кои ги поставија темелите на клубот.
Пред почетокот на натпреварот од 5. коло во Суперлигата меѓу Мулти Есенс и Младост, со едноминутно молчење беше оддадена почит на Поп-Глигоров, кој вчера, за жал, почина.
Но, неговото име не остана само на минутата молк пред почетокот на натпреварот. Оние верни навивачи кои постојано го следат Младост и на гостинските натпревари покажаа дека не го забораваат човекот кој остави длабока трага во историјата на ракометот во Богданци.
Борис Поп-Глигоров беше еден од луѓето кои ги поставија темелите на ракометот во Богданци. Уште пред формирањето на спортските клубови, тој бил главен организатор на спортските игри и настани во градот. Својот спортски пат го започнал со фудбалот, а потоа продолжил во ракометот, каде бил дел од создавањето и развојот на РК Младост, но и на ЖРК Млаз, каде бил активен до 2008 година.
Во историјата на Младост останува запишан како прв секретар на клубот и член на првата управа. Токму тој лично ја доставил телеграмата за пријавување на РК Младост во тогашниот Ракометен сојуз на Македонија – денес Ракометна федерација на Македонија, во далечната 1977 година.
По една деценија пауза, Поп-Глигоров повторно се вратил во ракометот, кога Никола Роглев го повикал да помогне во проектот за враќање на Младост на старите патеки во 2018 година.
Посебно место во неговиот живот имала салата „Млаз“. За него таа не била само спортски објект, туку негов втор дом. Како одговорен за овој спортски храм, се грижел за местото кое со децении ја чувало богатата ракометна историја на Богданци.
Заедно со Никола Роглев ја реализирале и идејата за музеј-галеријата посветена на РК Младост и ЖРК Млаз, простор во кој се сочувани фотографии, трофеи, спомени и приказни од минатото, како траен потсетник за генерациите кои доаѓаат.
Затоа и денешниот меч во Автокоманда имаше посебна тежина. Навивачите кои патуваат со Младост и на гостински терен покажаа дека луѓето кои го создавале клубот и му го посветиле својот живот не се забораваат.
На теренот, Младост и Мулти Есенс одиграа неизвесен натпревар кој заврши 21:21, но надвор од резултатот остана една порака – Борис Поп-Глигоров ќе продолжи да живее во Младост, во „Млаз“, во музеј-галеријата и во сеќавањата на сите оние кои го познаваа.
Човек кој живееше за спортот. Човек кој го сакаше Младост. Човек кој остави трага во историјата на Богданци и македонскиот ракомет.