Едно од најдобрите изданија на ГРК Охрид во завршните минути му донесе убедлива победа над Драгунас Клаипеда од 30-19 во првиот натпревар од третото коло на ЕХФ Европскиот Куп. Актуелниот освојувач на трофејот не само што ја оправда фаворитската улога, туку со моќен финиш стигна до предност од 11 гола, со која значително си ја олесни задачата пред утрешниот реванш.
Иако Драгунас прв ја презеде иницијативата и поведе со 4-2 во десеттата минута, охриѓани брзо најдоа одговор. Со серија од четири погодоци го презедоа водството, а потоа воспоставија контрола врз случувањата на теренот. Литванскиот состав имаше сериозни проблеми да го пронајде патот до мрежата, што домашниот тим го искористи за постепено да ја зголемува разликата. На одморот Охрид веќе имаше убедливи 13-7.
Продолжението донесе краток налет на Драгунас. По голот за 14-7, гостите одговорија со четири врзани погодоци и се доближија на 14-11. Сепак, охридскиот тим не дозволи противникот да ја искомплицира средбата и веднаш ја врати контролата, повторно градејќи ја својата предност.
Највозбудливиот дел следуваше во последните десет минути. Драгунас се обиде да фати резултатски приклучок и во 52. минута намали на 21-17, но потоа целосно запре. Охрид ја искористи секоја можност, ја засили офанзивата и со неверојатна серија од седум последователни гола стигна до недостижни 28-17. Во последните минути предноста дополнително порасна за конечни 30-19.
Доминик Мате и Никола Зечевиќ го предводеа стрелечкиот учинок на Охрид со по седум погодоци, додека Паулиус Чесна беше најпрецизен кај литванскиот претставник со пет гола.
Со двоцифрена предност во своја полза, „гладијаторите“ имаат одлична позиција пред вториот дуел, кој е закажан за утре во 18:00 часот, повторно во „Билјанини Извори“. Пред домашната публика, македонскиот претставник ќе има можност да ја потврди убедливата победа и да го продолжи патот кон одбраната на европската титула.