Македонската машка ракометна репрезентација доби ново име во стручниот штаб. Хрватскиот стручњак Драган Јерковиќ е ангажиран како тренер задолжен за работата со голманите, со што ќе биде дел од националниот тим во периодот што следува.
Јерковиќ пристигнува со сериозно меѓународно искуство, а зад себе има и работа во германската Бундеслига. Во последните две сезони беше дел од стручниот штаб на Рајн-Некар Левен, каде што работеше со голманите, додека од сезоната 2026/27 е нов член на Ерланген.
Новиот тренер на голманите не го крие задоволството што ќе има можност да работи со македонските репрезентативци, а особено значење за него има повикот од селекторот Кирил Лазаров, со кого претходно бил соиграч.
„Голема чест и задоволство ми е што ќе бидам дел од македонската репрезентација во квалификациите за Европското првенство, како и на Светското првенство во Германија. Повикот од мојот поранешен соиграч и пријател, Кирил Лазаров, едноставно не можев да го одбијам. Македонија е репрезентација која има посебна емоција и огромна желба за напредок, а ракометот во оваа земја е повеќе од спорт – тој е дел од нејзината традиција и идентитет. Особено ме радува работата со нашите голмани, бидејќи сметам дека имаме одличен спој на искуство и младост. Верувам во нивниот потенцијал и сигурен сум дека со заедничка работа можеме да направиме голем исчекор и да оствариме добри резултати. Ќе дадам сè од себе, со моето искуство и знаење да ѝ помогнам на репрезентацијата и заедно да завршиме добра работа. Со нетрпение ги очекувам предизвиците што се пред нас и сè што нè очекува.“
Јерковиќ, во македонскиот национален тим ќе има задача да придонесе за развојот и подготовката на голманите, а првите големи предизвици ќе бидат квалификациите за Европското првенство и настапот на Светското првенство во Германија.
Со неговото ангажирање, стручниот штаб предводен од Лазаров добива искусен специјалист кој своето знаење го градеше и на највисоко европско ниво.