РК Вардар нема да гостува кај Динамо Панчево во рамките на второто коло од Регионалната ракометна лига. Средбата беше закажана за 26 август, но натпреварот е одложен по барање на македонскиот шампион.
Причината за ваквата одлука се кадровските проблеми во составот на црвено-црните, кои во овој период се соочуваат со повеќе повредени ракометари, но и вирус кој зафати дел од екипата.
Од Вардар потврдија дека барањето за промена на терминот е прифатено од Динамо Панчево и раководството на регионалното натпреварување.
„РК Вардар 1961 ја известува ракометната јавност дека на наше барање прифатено е одложување на натпреварот од 2-то коло на Регионалната Ракометна Лига помеѓу екипите на Динамо Панчево и РК Вардар 1961, кое по распоред требаше да се одигра на 26-ти Август (среда). Ова барање следи по низата на повреди и вирус кој го погоди нашиот тим, а поради што сме оневозможени да гостуваме во Панчево. Изразуваме огромна благодарност до РК Динамо Панчево и раководството на Регионалната Ракометна лига за позитивниот одговор на нашето барање“, стои во соопштението на Вардар.
Новиот термин за натпреварот сè уште не е познат. Вардар во новата регионална лига дебитираше со победа над Војводина со 36-30 во Охрид, каде што екипите беа дел од турнирот „Крсте Андоновски“.
Во групата Б, покрај Вардар, се и Охрид, Војводина, Динамо Панчево и Будва.