Македонскиот стратег Југослав Тренчовски стигна до нов триумф во шампионатот на Словенија, откако неговата Олимпија Љубљана на домашен терен со минимални 1:0 славеше над Нафта.
Херој на натпреварот беше Антонио Марин, кој влезе во игра во 63. минута на местото на македонскиот интернационалец Димитар Митровски. Само 16 минути подоцна, измената на Тренчовски се покажа како полн погодок.
Марин во 79. минута ја затресе мрежата на Нафта и го постигна единствениот гол на натпреварот, со што трите бода останаа во Љубљана.
За Тренчовски ова е втор триумф откако го презеде кормилото на Олимпија Љубљана. По шест одиграни натпревари, тимот има седум бода, со учинок од две победи, едно реми и три порази.
Тренчовски го презеде словенечкиот тим со два порази, а откако е на тренерското столче на овој тим има учинок од две победи, едно реми и еден пораз.
Следниот предизвик за македонскиот стратег и неговиот тим ќе биде гостувањето кај Радомље, каде Олимпија ќе се обиде да ја продолжи победничката серија.