Прволигашот Башкими не чекаше долго по тешкиот пораз од Силекс во воведното коло од новата сезона и веднаш повлече конкретни потези на трансфер-пазарот. Кумановскиот клуб во еден ден го засили својот играчки кадар со дури десет нови фудбалери, испраќајќи јасна порака дека амбициите остануваат високи и покрај лошиот старт.
Нови членови на „црно-зелените“ се стоперите Џулинај Капланај и Андреј Љубевски, левиот бек Билал Исени, играчите од средниот ред Габриел Тенлеп, Андри Стафа, Клаудио Мартинез и Мал Јанузи, како и офанзивците Фавзи Јахаја, Антонио Мијамона и Теодор Мирчевски.
Меѓу новите засилувања има фудбалери од Албанија, Камерун, Нигерија и Германија, како и играчи кои веќе добро го познаваат македонскиот шампионат. Тенлеп и Исени доаѓаат од Воска Спорт, Мирчевски од Борец, а Љубевски претходно настапуваше за Саса.
Посебно внимание привлекува доаѓањето на Мал Јанузи, кој пристигнува од актуелниот шампион на Албанија, Егнатија. Неговото презиме има посебно значење за навивачите на Башкими, бидејќи неговиот татко, Риза Јанузи, во минатото со голема посветеност и гордост ги бранеше боите на клубот. Од Башкими порачаа дека веруваат оти Мал ќе ја продолжи семејната традиција и ќе биде достоен наследник на патот што го трасирал неговиот татко.
Од клубот истакнуваат дека ова е само почеток на градењето на тимот и најавуваат дека активностите околу засилувањата сè уште не се завршени. Во Башкими се уверени дека со многу работа, посветеност и верба ќе успеат да ги израдуваат своите верни навивачи – „Илирите“ и повторно да изградат конкурентен тим за предизвиците што следуваат во Првата македонска фудбалска лига.