Одбојкарскиот клуб Пелистер Волеј го претстави првото големо засилување за сезоната 2026/27. Ново име во битолскиот состав е канадската одбојкарка Натали Фанк, која пристигнува од Калгари и ќе го засили тимот во пресрет на новите предизвици.
Фанк во Битола доаѓа од престижниот универзитетски тим Универзитет на Британска Колумбија – Оканаган, каде остави силен белег со своите настапи. Родена е во 2002 година, настапува на позицијата примач, а со својата висина од 191 сантиметар се очекува да претставува огромно засилување за Пелистер Волеј.
Зад себе има богато спортско резиме и бројни признанија. Дури трипати беше прогласена за најкорисна одбојкарка на својот тим (3× Team MVP), а ја понесе и титулата спортист на генерацијата на Универзитетот на Британска Колумбија – Оканаган.
Нејзиниот квалитет беше препознаен и на национално ниво, па двапати доби покана за селективните подготовки на Тим Канада НекстГен, програмата наменета за развој на идните репрезентативки на Канада.
Покрај успешната спортска кариера, Натали Фанк може да се пофали и со академски успех. Таа дипломираше на Универзитетот на Британска Колумбија – Оканаган, каде се стекна со титулата Bachelor of Science со насока психологија.
Со ангажманот на Натали Фанк, Пелистер Волеј испраќа јасна порака дека има високи амбиции во новата сезона, а канадската одбојкарка треба да биде едно од главните засилувања во битката за што подобри резултати.