Брегалница го засили својот офанзивен ред со враќањето на Иван Глигоров, кој повторно ќе го носи дресот на штипските „сини“. Станува збор за проверен голгетер, кој минатата сезона беше еден од најдобрите стрелци во Втората македонска фудбалска лига во дресот на ГФК Охрид.
По одличните настапи во Охрид, за Глигоров постоеше интерес и од повеќе прволигашки клубови, по што тој направи трансфер во Арсими, но одигра само еден меч односно натпреварот против Тиквеш во Кавадарци од првото коло каде Арсими загуби со 5:1 и веднаш се одлучи да промени средина и да се врати во Брегалница.
Фудбалската кариера ја започна во италијанската академија IMS, по што беше дел од младинските категории на португалскиот гигант Насионал. На 19-годишна возраст се врати во Македонија и настапуваше за Брегалница, а потоа го носеше и дресот на ГФК Охрид, каде што блесна со головите. Одигра еден меч за Арсими на почетокот од оваа сезона.
Во таборот на Брегалница очекуваат Глигоров повторно да биде еден од лидерите на тимот и со своите голови да помогне во остварувањето на клупските амбиции.
Штипјани веќе го отворија новото првенство со гостување кај актуелниот шампион Вардар, каде беа поразени со 2-0. Во второто коло Брегалница ќе игра пред својата публика во Штип, каде ќе го пречека Арсими, а можно е токму против својот поранешен клуб Иван Глигоров да го има и своето деби по враќањето во дресот на „сините“.