Еурофарм Пелистер и официјално ја започна новата приказна за сезоната 2026/27 со ангажман на едно од најголемите тренерски имиња на овие простори – Лино Червар. Олимпискиот и светски шампион од Хрватска е нов предводник на битолскиот клуб и потпиша двегодишен договор со македонскиот шампион.
Во Битола јасно порачуваат дека клуб со историја и амбиции како Еурофарм Пелистер секогаш мора да цели кон највисоките дострели, а токму затоа изборот паднал на искусниот стратег од Умаг, човек кој остави огромна трага во европскиот и светскиот ракомет.
Червар зад себе има богата и трофејна кариера. Беше селектор на Хрватска, Македонија и Италија, ги водеше Загреб и Металург, а со хрватската репрезентација ги освои најголемите светски и олимписки признанија. Во Македонија остави длабок печат работејќи во Металург и македонската репрезентација, каде освен резултати создаде и бројни ракометни имиња.
Од клубот веруваат дека токму Червар е човекот кој може да го издигне проектот на уште повисоко ниво, по освоените три шампионски титули и настапите во Лигата на шампионите.
Искусниот хрватски стратег наскоро и официјално ќе биде претставен пред битолската јавност и навивачите на „зелено-белите“.