Потпретседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Ивица Хаџииљоски, заедно со генералниот секретар Филип Деспотовски и новиот селектор Милош Гавриловиќ со неговиот стручен штаб, им посакаа добредојде на репрезентативките на првиот собир во хотелот „Континентал“ во Скопје.
Од раководството на Федерацијата беше изразено задоволство што женската сениорска репрезентација воспоставува континуитет во настапите и подготовките, паралелно со машката селекција. Воедно беше потенцирано дека редовните учества во континенталните квалификации и Европската лига претставуваат важен чекор за развојот и напредокот на женската одбојка во Македонија.
„Се радувам што традицијата продолжува и што се гледаме секоја година. Ви благодарам на сите што прифативте и што позитивно одговоривте на повикот на новиот селектор, со кој на големо задоволство можам да кажам дека имаме иста визија за заедно да растеме и да се развиваме и да создаваме резултати. Сакам да потенцирам дека ниту една од вас не е случајно повикана и не е случајно тука – Вие сте иднината на македонската женска одбојка. Тоа го потврдувате со настапите во вашите клубови, без разлика дали сте интернационалки или играте во домашното првенство, кое сезонава понуди голем квалитет, а тоа го потврди и фантастичната финална серија во која гледавме пет квалитетни натпревари. Секоја од вас, кои сте со подолг стаж во репрезентацијата е поискусна за една сезона и со енергијата на младите и свежината и новитетите кои ќе ги донесе новиот селектор верувам дека ќе добиеме на квалитет. Секоја од вас заслужува внимание, вие сте најдоброто што го имаме и поради тоа ќе сметаме на вас во секое време. Исто така верувам дека секоја од вас ќе си го најде местото во репрезентацијата, без разлика дали тоа ќе биде во овој циклус или во следниот. Ви посакувам успешна работа и да не радувате со добри резултати“ – истакна Ивица Хаџииљоски.
Одбојкарска федерација на Македонија и оваа година вложи максимални напори женската сениорска репрезентација да има врвни услови за подготовки пред настапот во Европската лига 2026, идентични на оние што ги добива и машката национална селекција.