31. коло во Првата македонска фудбалска лига донесе нови возбудувања во трката за титулата и битката за опстанок, а најголем добитник е Вардар, кој по победата над Силекс се доближи на само еден бод од шампионскиот пехар.
„Црвено-црните“ на домашен терен славеа со 2:1 против кратовци и направија огромен чекор кон враќање на тронот. Вардар експресно поведе преку Стефан Цветковиќ уште во третата минута, а Горан Закариќ од пенал во 15. минута зголеми на 2:0. Силекс успеа да намали преку Бутуровиќ на стартот од второто полувреме, но домашниот тим ја зачува предноста и стигна до многу важни три бода.
Шкендија, пак, не се откажува од шампионската трка и со победата од 3:1 над Струга Трим Лум ги задржа минималните шанси за титулата. Тетовчани поведоа со пенал на Ендрит Красниќи, стружани израмнија преку Стефан Јевтовски, но Ислами и Мазари донесоа сигурен триумф за домашниот состав. На две кола до крајот, Шкендија останува на шест бодови зад лидерот Вардар.
Во Битола, Пелистер одигра фантастичен натпревар и со убедливи 7:0 го декласираше Шкупи во директната битка за опстанок. Најрасположен беше Филип Петровиќ, кој постигна хет-трик, додека два гола додаде Петар Петковски.
Во листата на стрелците се запишаа и Јован Мрмачовски и Михајло Петровиќ.
Со овие резултати, Вардар е на прагот на титулата, Шкендија сè уште се надева, а Пелистер направи огромен чекор кон обезбедување прволигашки статус.