Ракометарите на ГРК Охрид се враќаат од гостувањето кај Целје со минимална негатива, но и со реални шанси за пласман во финалето на ЕХФ Европскиот куп. Охриѓани импресивно го отворија мечот, но потоа домаќинот се консолидираше и направи пресврт. Но, и покрај падовите во текот на натпреварот, охриѓани покажаа карактер и во финишот успеаја да стигнат до гол негатива, што претставува активен резултат и реална шанса за да го продолжат својот европски сон.
Десното крило на Охрид, Ален Ќосевски, во изјава за Спортска Мрежа, по мечот истакна дека тимот имал одличен старт, но и падови во концентрацијата кои скапо ги чинеле во текот на натпреварот. Сепак, потенцира дека секој играч го дал максимумот на теренот и дека грешките се составен дел од играта. Според него, ништо сè уште не е решено и дека реваншот на домашен терен ќе биде клучен за пласман во финалето.
„Натпреварот го отворивме одлично, со 6:0, потоа имавме мал пад на концентрација, но секој играч што влезе во игра, го остави срцето на терен. Го дадовме нашиот максимум. Нормално е секој што игра, и да греши..тоа е дел од спортот. Сепак, ништо не е готово, ни преостануваат уште 60 минути игра на домашен терен. Да влеземе со ладни глави на следниот натпревар и да ја израдуваме нашата публика со финале“, изјави Ќосевски за Спортска Мрежа.

Реваншот во Охрид ќе биде вистински тест за избраниците на Борис Ројевиќ, кои пред својата публика ќе се обидат да ја надополнат минималната негатива и да обезбедат пласман во финалето.