Екипата на Струмица 2001 е првиот финалист во доигрувањето за пласман во Супер лигата, откако со максимални 2-0 во серијата го елиминира Борец баскет.
Струмичани славеа и на гостински терен во Велес со убедливи 82-67, во натпревар во кој клучна беше последната четвртина. Гостите одиграа одлично во финишот и со доминантни 28-11 ја потврдија својата класа и заслужено обезбедија место во финалето.
Во редовите на победникот се истакнаа повеќе кошаркари, па дури четворица завршија со двоцифрен учинок. Најефикасен беше Јовановиќ со 19 поени, Ф. Пандев постигна 14, Масевски додаде 13, а Д. Пандев реализираше 12 поени. Кај домашните, Американецот Тимоти-Џејмс беше прво име со 26 поени, додека Штерјов и Сапроновски запишаа 12, односно 10 поени.
Во второто полуфинале, драмата ќе добие завршница во трет натпревар, откако Соколи 1933 славеше на гостувањето кај Бутел со 68-65 и израмни на 1-1 во серијата.
Бутел имаше одличен старт и водеше со 17-9, а на полувремето ја задржа предноста (33-30). По израмнета трета четвртина (56-53), штипјани во финишот покажаа повеќе искуство. Клучна улога имаше капитенот Караколев, кој со серија поени во завршницата го одведе својот тим до важен „брејк“.
Хамилтон беше најефикасен кај Соколи 1933 со 14 поени, Караколев и Тодоровски постигнаа по 11, а Блажевски додаде 10. Кај Бутел, Атанасов реализираше 17 поени, Јанески 15, додека Хот запиша 13 поени.
Со ваков развој, финалистот од оваа полуфинална пресметка ќе биде познат по одигрувањето на решавачкиот трет натпревар.