Шкендија се враќа на фудбалските обврски по двонеделната пауза поради репрезентативните настапи, но и по тешкиот период за клубот по трагичната смрт на помошник-тренерот Агрон Мемеди, кој почина за време на тренинг-сесијата минатата сабота.
Натпреварот беше презакажан за понеделник, со цел да му се овозможи на тимот време за психолошко закрепнување и полесно справување со загубата. Во знак на почит кон трагедијата и болката во клубот, беше откажана и традиционалната прес-конференција пред натпреварот.
Шкендија во овој дуел ќе атакува на нови три бода со кои би се вратила на второто место на табелата и би го задржала чекорот со лидерот Струга, која во меѓувреме славеше против Брегалница.
За првпат во својата историја, тетовскиот тим ќе биде домаќин на првенствен натпревар на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Причина за преселбата е реконструкцијата на стадионот во Тетово, но и подобрите услови за игра на арената во Скопје. Досега Шкендија како домаќин настапуваше на терените на ФФМ и во Гостивар.
Во првата меѓусебна пресметка сезонава, одиграна во Кратово, „црвено-црните“ славеа убедлива победа од 2:0.
Главен судија на овој натпревар ќе биде Димитар Пилешков.