Охрид ја потврди својата европска амбиција и втора сезона по ред обезбеди место меѓу најдобрите 16 екипи во ЕХФ Европскиот куп. Актуелниот освојувач на трофејот го совлада Драгунас Клаипеда и во реваншот, славејќи со 32-25 (15-11) во „Билјанини Извори“, по убедливата победа од 30-19 на првиот дуел.
Меѓу најзаслужните за новиот триумф беше голманот Бојан Блажески, кој го одигра целиот натпревар, и во една блескава партија вечерва, забележа 15 одбрани. Неговиот придонес беше особено значаен во почетните минути, кога со неколку интервенции им помогна на „гладијаторите“ да создадат почетна предност од 4-0.
По успешното затворање на европскиот двомеч, Блажески упати честитки до соиграчите, нагласувајќи дека екипата максимално ги одработила двата натпревари, и покрај густиот распоред и потребата од ротации.
„Честитки до екипата за обезбедениот пласман во следната рунда од ЕХФ Европскиот куп. Мислам дека овие два натпревари ги одигравме максимално, добивме сите шанса, бевме приморани на ротација бидејќи натпреварите беа еден за друг ден. Тоа е тоа, честитки до момците, ќе ја чекаме ждрепката, да видиме со кого ќе играме нареден двомеч во осминафиналето. Сега имаме цела недела да се да се одмориме, да се подготвиме, да анализираме, бидејќи ни претстои многу важен натпревар во домашното првенство- дерби против Еурофарм Пелистер во Битола. Тоа е тоа, одиме на позитивен резултат и против екипата на Пелистер. Уште еднаш честитки до момците.“- изјави Блажески за Спортска Мрежа.

Охрид сега го очекува ждрепката за осминафиналето, а во меѓувреме фокусот се префрла на домашните обврски. По европскиот успех, „гладијаторите“ ги очекува важен дуел против Пелистер, за кој ќе имаат цела недела да се одморат, подготват и да ја анализираат играта на противникот.