Регуларниот дел од сезоната во М20 лигата во машка конкуренција е завршен по одиграни 20 кола, во кои учествуваа 11 екипи, а сега следува највозбудливиот дел – плеј-офот за шампионската титула.
Најуспешен тим во досегашниот тек од сезоната беше Вардар, чии млади кошаркари забележаа само еден пораз и сосема заслужено го освоија првото место на табелата. Со тоа, „црвено-црните“ ќе имаат најдобра стартна позиција и предност на домашен терен во четвртфиналната фаза.
Покрај Вардар, предноста на домашен терен во доигрувањето ќе ја имаат и екипите на Водно Санс, Кожув и Феникс 2010, кои исто така се пласираа меѓу најдобрите четири по регуларниот дел.
Четвртфиналните натпревари започнуваат на 25 април, кога првите мечеви ќе се играат токму на терените на најдобропласираните екипи. Реваншите се закажани за 2 мај, а доколку биде потребно, решавачките трети натпревари ќе се одиграат на 9 мај. Сериите се играат според принципот „подобар во три натпревари“.
Победниците од четирите четвртфинални дуели ќе обезбедат место на завршниот турнир во М20 лигата, кој според календарот на „Адастра“ младинските лиги ќе се одржи на 16 и 17 мај.
Со одличната форма во текот на сезоната, Вардар влегува како главен фаворит, но конкуренцијата најавува неизвесна и возбудлива битка за младинската круна.