Ракометната федерација на Македонија донесе строга дисциплинска одлука против РК Кичево, по серија прекршувања на правилата во тековната сезона.
Согласно одлуката на Дисциплинската комисија, кичевскиот тим службено го губи натпреварот против Младост Богданци со 10-0, а дополнително му е одземен и еден бод од вкупниот биланс. Овој меч, кој требаше да се одигра на 22 март во СЦ „Билјанини извори“, не се реализираше поради технички причини.
Со оглед на тоа што ова е втор службен пораз за Кичево сезонава, автоматски стапи во сила и најстрогата мерка – исклучување од Првата машка лига за сезоната 2025/26. До крајот на првенството, сите преостанати натпревари на Кичево ќе бидат регистрирани со службени 10-0 во корист на противниците.

Покрај тоа, клубот е казнет со парична глоба од 60.000 денари, додека одговорното лице доби тригодишна забрана за вршење дејност во ракометот, како и забрана за формирање или пријавување на нов клуб во истиот период.
Санкциите се однесуваат и на младинските категории на клубот, што дополнително ја нагласува сериозноста на случајот. Првата лига ќе продолжи со 12 екипи до крајот на сезоната.