Екипата на Билјанини Извори од Охрид на најдобар можен начин ја отвори новата сезона во Втората женска фудбалска лига, откако на домашен терен со убедливи 8:0 го совлада Борец од Велес.
Најрасположена за игра беше младата Ева Андоновска, која постигна хет-трик – првиот гол во 36. минута, а потоа уште два во второто полувреме (71’ и 73’). Стефанија Ристова и Марија Јулчовска се запишаа со по два гола, додека Викторија Стојановска беше прецизна со еден гол во 80. минута.
Со оваа победа Билјанини Извори испрати силна порака дека амбициите се јасни – враќање во Првата женска лига, каде охридскиот клуб во минатото веќе беше шампион.
Во останатите натпревари од првото коло, како што веќе информираше Спортска Мрежа, екипата на Порече со 7:0 го совлада Слободен, додека Конзули службено со 3:0 го доби дуелот против Плачковица, која не допатува во Битола.
Веќе в недела на програмата е второто коло. Во Велес ќе играат Борец против Слободен, во Охрид, Билјанини Извори ќе биде домаќин на Конзули во дербито на колото, а во Радовиш ќе се сретнат Плачковица и Порече.