Ракометарите на Младост в сабота ќе се соочат со Струга во меч од 11. коло каде домашниот тим атакува на првата сезона победа.
Натпреварот нема да биде лесен, затоа се свесни ракометари на Младост, но подготвени и силно мотивирани ќе влезат во мечот на кој ќе се обидат да ја израдуваат верната публика со првата сезонска победа.
Ракометарот на Младост, Душан Каркалашев за Спортска Мрежа истакна дека Струга е квалитетна екипа и нема да биде лесно, како што дополнува младиот ракометар мора да бидат цврсти во одбраната и да ги искористи шансите кои ќе се укажат.
„Очекувам тежок натпревар, Струга е квалитетна екипа и сигурно нема да биде лесно. Мислам дека најважно ќе биде да влеземе максимално фокусирани и мотивирани, да бидеме цврсти во одбраната и да ги искористиме шансите што ќе ни се укажат“, вели Душан Каркалашев за Спортска Мрежа.
Поддршката од трибините е секогаш важна на вакви натпревари, во клучни моменти таа поддршка значи многу вели ракометарот на Младост.
„Поддршката од публиката секогаш ни значи многу, особено во вакви натпревари. Полна сала и добра атмосфера секогаш ни даваат дополнителна енергија. Во клучните моменти таа поддршка може многу да значи, да ни даде сила кога е најпотребно и да ни помогне да го задржиме фокусот. Се надевам дека навивачите ќе бидат со нас од првата до последната минута, а ние ќе дадеме сè од себе за да им возвратиме со победа“, дополнува младиот ракометар на Младост.
Целиот Југоисток се обединува и ќе допатува во Богданци да ја наполни салата „Млаз“ и да даде силна поддршка за својот миленик.
Средбата меѓу Младост и Струга се игра во сабота од 18 часот во салата „Млаз“ во Богданци.