Екипата на Наковски Волеј го освои првиот трофеј во својата историја од Купот на Македонија, совладувајќи ја Јанта Волеј со 3-2 во сетови, во драматично финале одиграно во спортската сала „25 Мај“ во Радовиш. По два неуспешни обиди, третата среќа им донесе радост и злато на струмичките одбојкарки.
Финалниот натпревар понуди вистинска драма на теренот. Скопјанки го добија првиот сет со 16:25, но Наковски Волеј возврати со 25:18 во вториот. Јанта Волеј повторно поведе со убедливи 25-10 во третиот сет, но струмичанки не се предадоа – изборија петти сет со победа од 25:21 во четвртиот.
Решавачкиот петти сет започна израмнето, но Ковачевиќ ги поведе своите со предност од 8-5. По тајм-аут, Јанта Волеј се врати во игра и поведе со 10:8, но Наковски Волеј повторно најде начин да се консолидира. Ковачевиќ го донесе конечниот триумф од 15:13 и голема радост за струмичкиот состав.

Љиља Ковачевиќ со 17 поени беше најдобар поединец на мечот, додека Мери Бошковска запиша 16 поени. Од друга страна, за Јанта Волеј ова беше шесто загубено финале во седум настапи.

Финалниот ден од Купот продолжува вечерва во 19:00 часот, кога во машкото финале ќе се сретнат бранителот на трофејот Штип УГД и екипата на Струмица, повторно во спортската сала „25 Мај“ во Радовиш, која денес е вистински дом на македонската одбојка.
