Фаворитите одиграа според планот, само штипјани се „сопнаа“ и ремизираа, денес беа одиграни одложените натпревари од 21. коло на Втората лига, а сите мечеви запознаа со минута молк поради трагедијата во Кочани.
Башкими според планот забележа голема победа над Вардар Неготино од 5:2 со што трите бодови останаа во Куманово, а тимот на Башкими продолжува да го трасира патот кон Првата лига.

На полувреме домаќинот со головите на Амар Имери и Аган Сулимани имаше предност од два гола. Во вториот дел Аган Алиу погоди за 3:0, а потоа Никола Павлески со два брзи гола во 53. и 61. минута намали на 3:2 и ја врати неизвесноста на мечот, но тимот на Горан Тодорчев во финишот од мечот прими два погодоци со што победникот беше решен.
Новото засилување Аљбан Мемеди погоди за 4:2, а пак искусниот голгетер Хусеин Демири ги постави конечните 5:2, а со овој пораз Вардар Неготино ја продлабочува резултатската криза.
Охрид ремизираше со Победа во меч без голови (0:0), а овој меч наместо на „Билјанини Извори“ во Охрид се играше на стадионот во Струга.
Детонит Плачковица и Кожуф ги поделија бодовите откако одиграа 1:1 во Радовиш. Домаќинот преку Дамјан Масевски прв дојде до водство од 1:0, а во вториот дел гостинот од Гевгелија преку Филип Ѓорѓиевски дојде до конечните 1:1.
Немаше победник ниту во Штип, каде Брегалница и Скопје ремизираа играјќи 1:1, во меч каде „пиратите“ со атрактивно голчиште на искусниот Иво Јанакиевски дојдоа до водство во 14. минута. Во вториот дел младиот Благој Хаџи-Кимов постигна гол за конечни 1:1.
Беласица забележа висока и сигурна победа од 3:0 против Новаци, со што гостинот ја продлабочува резултатската криза. Димче Јовов погоди за 1:0 на полувреме. Во второто полувреме Максим Цониќ постигна гол за 2:0, а конечниот резултат го постави искусниот Бојан Најденов во 92. минута.
Македонија ЃП го декласираше Вардарски во целост со 4:0, откако најдобриот стрелец Симеон Христов постигна два гола, а по еден гол постигнаа Кире Маркоски и новото засилување Анџело Николовски.
Борец ја продолжува резултатската криза и тимот е се поблиску до директно испаѓање во Трета лига – Југ, откако го загуби дербито од дното и со Осогово на домашен терен од 1:3. „Жетварите“ победата ја посветија на 59-те жртви од големата трагедија во Кочани, а ова победа значи дека Осогово оди кон тоа да обезбеди и директен опстанок.

Фудбалерите на Осогово на загревање истрчаа со црни маички со кои се искажа длабоко сочувство за трагедијата, а во фудбалерите на левата рака носеа црни траки, додека пак Борец исто така се загреваше во црни маички.
Владимир Жоглев по четири минута постигна гол за 0:1 и водство на полувреме. Во вториот дел со гол од пенал Кристијан Ристовски погоди за 0:2, а четири минути подоцна односно во 60. минута Жоглев со втор гол зголеми на 0:3. Во финишот од мечот или во 82. минута нововлезениот Матеј Панов ги постави конечните 1:3.
Арсими однесе висока и убедлива победа од 4:1 против Каменица Саса и продолжува да ги напаѓа местата кои водат кон Првата лига. Најдобриот стрелец на клубот Аљбин Рамадани беше двоен стрелец, а по еден гол постигнаа Малиќ Белули и Аљбин Таипи, а пак за „рударите“ погоди Тони Мичковски.
- ЦЕЛА ТАБЕЛА ОД ВТОРА ЛИГА:
Поз. | Клуб | ОН | Поб | Н | Пор | ПОС | ПРИ | ГР | БОД |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1 | ФК МАКЕДОНИЈА Ѓ.П 1932 АД | 21 | 15 | 3 | 3 | 41 | 8 | +33 | 48 |
2 | АД ФК Башкими 1947 Куманово | 21 | 15 | 3 | 3 | 38 | 17 | +21 | 48 |
3 | ФК БРЕГАЛНИЦА 2008 АД | 21 | 13 | 5 | 3 | 31 | 18 | +13 | 44 |
4 | ФК АРЕСИМИ-1973 | 21 | 13 | 3 | 5 | 37 | 19 | +18 | 42 |
5 | ФК КАМЕНИЦА САСА | 21 | 9 | 5 | 7 | 35 | 28 | +7 | 32 |
6 | ГФК ОХРИД ЛИХНИДОС | 21 | 9 | 5 | 7 | 25 | 23 | +2 | 32 |
7 | ФК ДЕТОНИТ ПЛАЧКОВИЦА | 21 | 7 | 10 | 4 | 28 | 20 | +8 | 31 |
8 | ФК СКОПЈЕ АД | 21 | 7 | 10 | 4 | 25 | 18 | +7 | 31 |
9 | ФК КОЖУФ ГЕВГЕЛИЈА | 21 | 7 | 10 | 4 | 22 | 16 | +6 | 31 |
10 | ФК БЕЛАСИЦА АД | 21 | 7 | 7 | 7 | 25 | 23 | +2 | 28 |
11 | ФК ПОБЕДА АД | 21 | 6 | 4 | 11 | 23 | 29 | -6 | 22 |
12 | ЗФК НОВАЦИ 2005 | 21 | 5 | 5 | 11 | 19 | 28 | -9 | 20 |
13 | ГФК ВАРДАР Неготино | 21 | 6 | 2 | 13 | 26 | 41 | -15 | 20 |
14 | ГФК ОСОГОВО | 21 | 4 | 4 | 13 | 19 | 38 | -19 | 16 |
15 | ФК БОРЕЦ 1919 АД | 21 | 2 | 4 | 15 | 12 | 38 | -26 | 10 |
16 | ФК ВАРДАРСКИ | 21 | 2 | 2 | 17 | 15 | 57 | -42 | 8 |