Македонија ЃП продолжува со одличните натпревари во Првата ракометна лига, „дробилицата“ во претходното коло го доби ланскиот суперлигаш Пролет, а сега се подготвува за нов двобој и тоа одново против лански суперлигаш, тимот на Радовиш.
Пред натпреварот со радовишани, разгоравме со Марко Станојоски, кој за Спортска Мрежа истакна дека атмосферата е одлична, дополнува дека ги радуваат одличните партии против конкурентите Драчево Јуниор, Вардар Неготино и Пролет.
„Атмосферата во екипата е одлична, особено не радуваат одличните партии против Драчево, Вардар Неготино и Пролет.
Во иднина ќе бидеме високо мотивирани да го победиме секој противник до крајот на оваа натпреварувачка сезона со цел да го освоиме првото место и да обезбедиме директен пласман во Супер лига“, вели Марко Станојоски за Спортска Мрежа.
Ракометарот на Македонија ЃП вели дека против Радовиш очекува тежок натпревар дополнувајќи дека противникот има искусни играчи со суперлигашко искуство, притоа како што рече, ќе се обидат да ги запрат со многу силен ангажман во одбраната.
„Мечот ќе биде тежок и ние сме максимално подготвени за жестока борба. Радовиш имаат искусни играчи со суперлигашко искуство и ние ќе се обидеме да ги запреме со многу силен ангажман во одбрана. Доколку ја спроведеме подготвената тактика сигурно ќе дојдеме до нова вредна победа и два нови бода со кои ќе се приклучиме кон екипите кои имаат највисоки амбиции во Првата лига“, дополнува Станојоски.
Радовиш по тешкиот пораз од лидерот Вардар Неготино од 39:26 го очекува гостувањето кај Македонија ЃП.
Натпреварот се игра во СУГС „Кочо Рацин“, в недела од 16 часот.