Покрај промената на селекторската позиција, женската сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија ќе претрпи промени и во играчкиот состав. Пет кошаркарки кои во изминатиот период го носеа националниот дрес одлучија да го завршат својот репрезентативен ангажман.
Станува збор за Анџелика Митрашиновиќ, Александра Стојановска, Мерит Хемпе, Ивана Кметовска и Илина Селцова.
Кошаркарската федерација на Македонија им упати благодарност за нивниот придонес во националниот тим, истакнувајќи го значењето на нивната посветеност и вложениот труд во репрезентативниот дрес.
Настапите за националниот тим носат голема чест, но и одговорност, исполнета со подготовки, патувања, натпревари и бројни одрекувања. Искуството и годините поминати во репрезентацијата на петте кошаркарки се дел од нивниот придонес во македонската женска кошарка.
Од Федерацијата им посакаа многу здравје, лична среќа и успех во понатамошните спортски и животни предизвици, со благодарност за сето она што го дадоа носејќи го националниот дрес.