Утре во рамки на 15. коло од ракометната Суперлига во салата „Јасмин“ во Кавадарци ќе се одигра дерби меѓу Тиквеш и Охрид, каде победата и двата бодови се повеќе од важни за домашниот тим кој сака да го потврди местото за плеј-оф.
Ракометарот на каваречкиот суперлигаш, Спасоје Гачевиќ, вели дека мечот против Охрид им е важен, додава дека верува дека ќе покажат карактер и желба потребни за победа.
„Во сабота не очекува натпревар против Охрид кој е многу важен за нас и за кој очекувам квалитетна и добра игра. Верувам дека нашата екипа ќе го даде максимумот на терен и ќе покаже карактер и желба потребна за победа, секако со поддршка од нашата публика и нашите навивачи Лозари кои се надевам дека во што поголем број ќе ни бидат ветер во грбот, во борбата за победа.“
Натпреварот се игра со почеток од 18 часот, а судиска двојка ќе биде Ненад Николовски и Исмаил Металари од Скопје, а делегат ќе биде Љупчо Јанески од Скопје.