Љубителите на малиот фудбал и ова лето ќе имаат можност да бидат дел од традиционалниот меѓуопштински турнир „Ресен 2026“, а организаторите официјално ги отворија пријавите за учество на екипите.
Турнирот ќе започне на 12 јуни и натпреварите ќе се играат во спортската сала „Зоран Стојановски“ во Ресен, под покровителство на Општина Ресен и останатите спонзори.
Од организацијата упатија повик до сите спортски ентузијасти и екипи да се пријават и да бидат дел од уште едно возбудливо издание на турнирот.
„Почитувани љубители на спортот и малиот фудбал, и оваа година повторно од 12.06.2026 ќе се одржи Меѓуопштинскиот турнир во мал фудбал „Ресен 2026“ под покровителство на Општина Ресен и останатите спонзори во спортската сала „Зоран Стојановски“ во Ресен. Се надеваме дека и на овој турнир, како и на претходните, присуството на гледачи ќе биде во голем број. Исто така апелираме до навивачите да се коректни и фер спрема сите екипи. Нека победи подобриот“, истакнаа организаторите.
Сите заинтересирани екипи можат да се пријават кај Јовче Богданоски на телефонскиот број 077 671 565 (Viber), како и кај Дејан Маслинковски на 078 898 383.

И оваа година Спортска Мрежа ќе биде медиумски покровител на турнирот, па љубителите на спортот ќе можат секоја вечер да ги следат резултатите, фотографиите и деталните извештаи од натпреварите.

Турнирот е одлична можност за екипите да добијат дополнителна промоција и да бидат дел од еден од најпосетените спортски настани во регионот.