ЖРК Металург Автокоманда и официјално е исклучен од понатамошното натпреварување во Супер женската лига, по одлука на дисциплинските органи на Ракометна федерација на Македонија.
Клубот, кој во новата сезона влезе со високи амбиции и важеше за сериозен кандидат за титулата, доживеа целосен колапс поради финансиски проблеми. По одливот на ракометарките и неможноста да се обезбеди буџет за нормално функционирање, тимот не се појави на два натпревари, кои беа регистрирани со службени 10-0.
Согласно пропозициите, следуваше исклучување од шампионатот, парична казна од 60.000 денари и забрана од три години одговорното лице во клубот да пријави нов субјект и да извршува дејност во ракометот. Истата мерка се однесува и на младинските категории.

Металург Автокоманда есенскиот дел го заврши на второто место со ист број бодови како лидерот и актуелен шампион ЖРК Ѓорче Петров, но со послаб меѓусебен скор. Минатата сезона тимот беше вицепрвак на Македонија и бележеше забележителни резултати и во младинските конкуренции.
По најновата одлука, лигата ќе продолжи со седум екипи, а последнопласираниот тим на крајот од сезоната ќе игра бараж за опстанок против второпласираниот состав од Првата лига. Клубот има право на жалба во законски предвидениот рок.