Новиот селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија, Жозеп Мариа Берокал, веќе започна со работа и ги одржа првите два тренинга со националниот тим. По стартот на подготовките, шпанскиот стратег ги сподели своите први впечатоци пред медиумите.
„Ви благодарам за можноста да бидам тука, привилегија е да се биде селектор на Македонија. Свесни сме дека периодот за подготовки е краток, но и по само два тренинга можам да кажам дека тимот има голем простор за напредок.
Треба да размислуваме долгорочно и постепено да го унапредуваме тимот. За иднината е важно и кои млади играчи ќе доаѓаат и ќе се приклучуваат на националниот состав“, изјави Берокал.
Новиот селектор откри дека неговата поврзаност со македонската кошарка датира од поодамна, преку поранешниот репрезентативец Владо Илиевски, на кого му бил тренер пред повеќе од две децении. Тој додаде дека дел од актуелните репрезентативци ги познава и од претходната соработка во клубовите.
„Поврзан сум со македонската кошарка преку Владо Илиевски, на кого му бев тренер пред 23 години. Војдан Стојановски го тренирав во Украина, а некои од играчите ги познавам и од Шпанија.
Среќен сум што сум тука. Знам дека на почетокот нема да биде лесно и дека процесот ќе биде долг, но ќе се обидеме да го извлечеме максимумот од овие играчи. Не знам кое ниво ќе го достигнеме, но верувам во нив. Им порачав да се натпреваруваат сами со себе, да напредуваат и да изградат шампионски менталитет. Треба да останеме фокусирани на обврските што ни претстојат“, порача Берокал.