Богданци доби нова ракометна приказна за паметење. На натпреварот меѓу Вардар Неготино и Младост Богданци, кој гостите убедливо го добија со 24-35, свое прво појавување во сениорска конкуренција имаше 13-годишниот Лука Лукиќ.
Со само 13 години и седум месеци, младиот ракометар од школата на Младост доби шанса да зачекори на теренот меѓу повозрасните и покажа зрелост, самодоверба и посветеност што ретко се гледаат на таа возраст. Дебито претставува значаен момент во неговата кариера, но и потврда за континуираната работа со младите категории во клубот.
Лука е син на Далибор Лукиќ, поранешен македонски репрезентативец, кој во својата кариера настапуваше за Тутунски Комбинат Прилеп, Младост Богданци и Металург. Очигледно е дека љубовта кон ракометот и спортскиот дух се дел од семејната традиција.
Младост Богданци, кој важи за еден од најорганизираните клубови кога станува збор за работа со млади категории, во моментов е непоразен лидер во Првата ракометна лига и сигурно чекори кон враќање во Суперлигата. Ваквите потези и довербата кон младите играчи се доказ за визијата на клубот – градење силна база за иднината.
Дебито на Лука Лукиќ е уште една потврда дека во Богданци расте нова генерација ракометари подготвени за големи предизвици.