Тиверија од Струмица означи старт на зимските подготовки за вториот дел од сезоната во Трета лига – Исток со тренингот кој се одработи на теренот со вештачка трева.
На првиот тренинг присуствуваа 16 фудбалери, меѓу нив и новите засилувања Иван Терзиев, Мите Благоевски и Назиф Ахмедов.
17-годишниот Терзиев доаѓа од редовите на Хоризонт Турново, потекнува од школата на Брера Струмица, а има настапувано и за Беласица. Благоевски, исто така има 17 години, а пристига од редовите на Беласица, фудбалската кариера ја започна во Брера Струмица.
Ахмедов кој има 19 години во редовите на Тиверија пристигна од есенскиот шампион во Трета лига – Исток, Победа Валандово, а потекнува од Беласица.
Тиверија есенскиот дел го заврши на осмото место на табелата со десет бодови, а со новиот тренер Петре Каракашев тимот од Струмица ќе цели кон што повисок пласман на табелата.