ГРК Охрид викендов ги започнува европските предизвици со дуелот против Дукла Прага во рамки на осминафиналето од ЕХФ Купот.
„Билјанини Извори“ повторно ќе биде сцена на ракометен спектакл, а охриѓани со големи амбиции го очекуваат првиот чекор во двомечот против чешкиот ривал. По позитивната атмосфера и добрите резултати во домашниот шампионат, тимот е подготвен за нов тест на европска сцена.
Еден од најборбените во редовите на Охрид, пикерот Иван Тасески, кој дава огромен придонес на линијата од шест метри и е вистински столб во одбраната, го најави мечот со Дукла Прага за Спортска Мрежа.
Тој истакна дека екипата е свесна за квалитетот на противникот, но верува во победа пред домашната публика.
„ Викендов ги започнуваме европските натпревари, ни доаѓа екипата на Дукла Прага, која игра доста добар и брз ракомет. Ние ќе го дадеме максимумот за да извојуваме победа. Ги повикувам љубителите на ракометот и навивачката група ,,Рибари”да дојдат во што поголем број, да ни дадат поддршка за да извојуваме победа.“ – изјави Тасески за Спортска Мрежа.

Токму цврстината во одбраната и борбеноста на линијата од шест метри, ќе бидат фактори кои ќе имаат клучна улога на утрешниот натпревар. Поддршката од трибините може да биде дополнителната сила што ќе му помогне на Охрид да направи значаен исчекор кон четвртфиналето и да продолжи да ја пишува својата успешна европска приказна.