Одбојкарскиот клуб Струмица отвора ново, но длабоко симболично поглавје во својата богата историја. Легендарниот Васе Михаилов, поранешен капитен и еден од најтрофејните играчи во македонската одбојка, е промовиран во прв тренер на актуелниот шампион.
Михаилов цели 15 години беше заштитен знак на струмичкиот клуб и вистински лидер на теренот. Неговата играчка кариера е исполнета со импресивни достигнувања – 10 шампионски титули и 8 трофеи во Купот, како и повеќе од 100 настапи за македонската репрезентација. Со националниот тим учествуваше и на две Европски првенства, каде со посветеност и карактер ја претставуваше државата на највисоко ниво.
По завршувањето на активната кариера, Михаилов остана верен на клубот и како дел од стручниот штаб. Како помошник тренер веќе има освоено трофеј, а неговиот тренерски потенцијал особено дојде до израз во работата со младинските категории. Во претходната сезона, под негово водство, сите младински селекции ја освоија шампионската титула, додека и во актуелната сезона тие се наоѓаат на првото место во своите групи.

Паралелно со клупските обврски, Васе Михаилов е и помошник тренер во македонската одбојкарска репрезентација, што дополнително го потврдува неговиот авторитет, знаење и реноме во одбојкарските кругови.
Со неговото именување за прв тренер, ОК Струмица јасно ги покажува амбициите – одбрана на шампионската титула, но и сериозен напад на Куп трофејот. Од капитен на теренот до лидер покрај аут-линијата, Михаилов ја продолжува победничката приказна со истиот жар и визија, а струмичката публика со право верува дека легендата ќе донесе уште многу успеси.