Второлигашот Детонит Плачковица од Радовиш денес ги започна подготовките за пролетниот дел од сезоната, откако тренерот Горан Здравков ја имаше првата прозивка на Градскиот стадион.
Тимот за пролетниот дел ќе има неколку измени во ростерот за пролетниот дел. Радовишани се разделија со Валентин Кочоски, Давид Велковски, со голманот Стефан Нанчовски и Мартин Пивковски.
Додека пак, клубот се засили со повратникот Томи Мирчевски, кој доаѓа од редовите на Слога Виница, а низ својата кариера 29-годишниот беше дел од охридска Воска Спорт, Брегалница, Борец, Плачковица, Брегланица Делчево, Скопје, Вардар и Цементарница од каде и ја започна кариерата. Ново име меѓу радовишани е и голманот Павел Петревски.
Во следните денови се очекуваат промоција на новите засилувања и со тоа да биде познат ликот на радовишкиот второлигаш за пролетниот дел од Втората лига.
Во однос пак на пријателски натпревари – првиот тест радовишани ќе го играат против Осогово на 24 јануари, а пак на 29 јануари следува тест со третолигашот Победа во Валандово. На 3 февруари ќе биде одигра натпреварот со Беласица, на 7 февруари со прволигашот Брера Струмица, а генералката ќе биде против тимот на Кожуф од Гевгелија.
Радовишани презимуваат на седмата позиција со 26 бодови, а пролетниот дел го отвараат на домашен терен со „фенерџијата“ Големо Коњари.