Фудбалерите на Пелистер и официјално ги започнаа подготовките за вториот дел од сезоната 2025/26. Со работен состанок и прв тренинг на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, тренерот Милан Стојановски го означи стартот на зимските активности.
Подготовките се поделени во две фази. До 17 јануари „зелено-белите“ ќе тренираат во Битола, а потоа експедицијата се сели во Анталија, каде што ќе следуваат двонеделни базични подготовки.
Во Турција, Пелистер ќе одигра три контролни натпревари против Спартак Суботица (20.01), Железничар Сараево (24.01) и Невбахор Наманган (28.01), со цел темпирање на формата за продолжението на шампионатот.
Паралелно со подготовките, раководството ќе го комплетира играчкиот кадар и ќе ги претстави новите засилувања, кои треба да помогнат во остварување на главната цел – опстанок во Првата лига.

Пелистер презимува на 9. место со 16 бодови, позиција која води во бараж-зоната, а првиот официјален предизвик во новата година ќе биде на 7 февруари 2026 година, кога во Битола гостува екипата на Работнички.