Четвртото коло од Втората футсал лига беше отворено вчера, а истото ќе се комплетира со четири натпревари кои ќе се одиграат утре и еден кој ќе се одигра в понеделник.
Ланскиот прволигаш Карадаку е закован на дното од табелата со три порази од три натпревари и катастрофална гол разлика од 11 постигнати и 50 примени погодоци, па веќе утре овој тим ќе го бара првиот позитивен резултат против Партизан Југ од Брвеница.
Дербито на колото се игра во Свети Николе каде ќе се соочат ланскиот прволигаш Овче Поле и штипски Мал Ајакс, дерби на две непоразени екипи и дерби на две екипи кои сакаат влез во Првата лига.
Овче Поле веднаш по испаѓањето од елитата најави дека сака експресно враќање, а сега амбиции за Прва лига има и Мал Ајакс кој направи млад тим со играчи од Штип.
Балкан на домашен терен ќе го предизвикува лидерот Кораби од Дебар во меч каде трите бодови се императив и за двете страни, особено за гостинот кој во оваа сезона сака влез во Првата лига.
Каршиака на домашен терен ќе ја бара втората сезонска победа против ССК Скопје, тим кој исто така сака второ сезонско славје.
Колото ќе се комплетира в понеделник со мечот меѓу Енахлон и Конзули каде двете екипи сакаат победа и три бодови, а се наоѓаат во долниот дел од табелата со по три бода.