Дербито во Втората македонска фудбалска лига се игра утре меѓу ланските прволигаши Македонија ЃП и Брегалница на стадионот во Ѓорче.
Дерби на двата главни ривали за директен влез во Првата македонска фудбалска лига. Ова ќе биде директен дуел на двата ривали, дерби за трите бодови и пресметка за експресно враќање во фудбалската елита на Македонија.
Македонија ЃП бара поддршка од трибините за оваа мега дерби, а за таа цел влезот на стадионот во Ѓорче ќе биде слободен!
„Оваа сабота, нашата екипа ја очекува директен дуел со главниот ривал за влез во Прва МФЛ, ФК Брегалница, натпреварот е закажан од 13 часот. По тој повод, јавно ве повикуваме да присуствувате и да дадете поддршка на нашата екипа на овој важен натпревар. Влезот на натпреварот ќе биде бесплатен“, се вели во соопштението на ФК Македонија ЃП.
Брегалница е непоразен лидер на табелата со 24 бодови на своето конто, а пак Македонија ЃП е втора со 23 бодови, колку што има и Башкими кој е трет односно во бараж зоната за влез во Прва лига.