Дисциплинската комисија при Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ги соопшти казните по немилите сцени што се случија по натпреварот меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер, одигран во салата „Билјанини Извори“.
Со последниот дисциплински билтен, РФМ ги санкционираше двата клуба со парична казна од по 45.000 денари, додека персонални казни добија и актерите во инцидентот – Крсте Андоновски и Дејан Манасков.
Асистентот во стручниот штаб на Борис Ројевиќ, Крсте Андоновски, е казнет со забрана за учество на три првенствени или Куп натпревари, што значи дека ќе ги пропушти дуелите против Радовиш, Прилеп и Куманово, а ќе може да се врати на терен по паузата.
Најстрогата санкција, сепак, ја доби ракометарот на Еурофарм Пелистер, Дејан Манасков. Левото крило на актуелниот шампион е суспендирано на три месеци, со што за него практично е завршен регуларниот дел од сезоната. Манасков ќе ги пропушти преостанатите натпревари од лигашкиот дел, како и првите средби од плеј-офот, што претставува сериозен удар за битолскиот тим.

Со овие одлуки, РФМ испрати јасна порака дека ваквите инциденти нема да се толерираат и дека дисциплината и спортскиот фер-плеј остануваат приоритет во македонскиот ракомет.