Драги поддржувачи на македонската фудбалска репрезентација,
Сакам од срце да изразам искрена благодарност до Фудбалската федерација на Македонија и до сите претседатели – Илчо Ѓорѓиоски, Муамед Сејдини и Масар Омерагиќ – кои од 2014 година обезбедуваа услови и континуирана поддршка што ни овозможи да постигнеме резултати кои ќе останат забележани во историјата на македонскиот фудбал.
Посебна благодарност упатувам до претседателот Масар Омерагиќ за неговата постојана и јасна поддршка во изминатиот период. Таквата стабилна основа е неопходна за секој професионален процес, а во фудбалот тоа е клучно за успехот на теренот.
Особено сум горд на нашите фудбалери. Нивната енергија, посветеност и упорност ни донесоа победи и резултати кои ќе останат во сеќавање. Тие покажаа што значи да се игра за Македонија и тоа ме исполнува со искрена гордост.
Благодарен сум и на мојот стручен штаб, како и на медицинскиот и логистичкиот тим, за нивната професионалност и беспрекорна соработка. Секој од нив ја вршеше својата работа тивко, прецизно и со посветеност, како дел од еден заеднички организиран систем кој мора да функционира совршено за да се постигнат врвни резултати.
Чест ми беше да ја водам репрезентацијата и да бидам дел од овој заеднички труд. И во иднина ќе останам посветен на македонскиот фудбал, со внимание, поддршка и почит кон сите кои го носат дресот со гордост.
Благоја Милевски