Македонската женска сениорска репрезентација запиша победа што ќе се памети засекогаш! Триумфот над Данска со резултат 79:78 во првото коло од квалификациите за Европското првенство 2027 година, не е само уште еден успех — туку историски момент за македонската женска кошарка.
Ова е првата официјална победа на Македонија во квалификации за Европско или Светско првенство, запишана на домашен терен. И тоа по пауза од неверојатни 17 години! Последен пат нашите сениорки славеле во далечната 2008 година, во Скопје, против Естонија (67:64), во рамките на тогашната „Б“ дивизија — своевидни претквалификации.
Вечерашниот натпревар во салата на СРЦ „Кале“ донесе неверојатна драма, силни емоции и енергична поддршка од трибините. Девојките одиграа борбено, храбро и со срце, покажувајќи дека новото поглавје на македонската женска кошарка започнува токму од оваа ноќ.
12 ноември 2025 година ќе остане запишан како денот кога Македонија ја урна бариерата и докажа дека со верба, тимски дух и пожртвуваност – може да се стигне до големи победи.