Ракометарите на Охрид се подготвуваат за нов предизвик во Супер лигата, каде во рамките на 12. коло во среда од 19 часот, во салата „Билјанини извори“, ќе го пречекаат составот на Алкалоид. Очекувањата се за вистински ракометен спектакл меѓу две екипи кои припаѓаат на врвот на македонскиот ракомет.
Десното крило на Охрид, Дарко Ѓукиќ, верува дека тимот е подготвен за уште една голема битка пред своите навивачи.
„Алкалоид е тежок противник, еден од тимовите кои ќе се борат за титулата оваа година. Треба да влеземе максимално во натпреварот и се надеваме на два бода. Сакаме да го одбраниме нашиот домашен терен, како и досега оваа сезона.“- изјави Ѓукиќ.
Охрид има мотив и поддршка да го продолжи победничкиот ритам дома, а натпреварот со Алкалоид ќе биде нов тест за силата и карактерот на охридскиот состав пред својата публика, што е особено значајно за нив, пред натпреварот од ЕХФ Купот против Слога Добој, во недела.