Женската А репрезентација на Македонија одигра два пријателски натпревари против силната селекција на Русија на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица, но двете средби завршија со победи на гостинките. Нашите фудбалерки беа поразени со 0:2 на првиот меч и со убедливи 0:5 на вториот контролен дуел.
Во првиот натпревар, избраничките на селекторот Александар Андов прикажаа солидна и дисциплинирана игра против фаворизираниот противник. Русија поведе рано, во 11. минута, кога Полина Јукљаева погоди по една одлична акција по левата страна. И покрај неколкуте обиди на нашите фудбалерки да израмнат, резултатот остана непроменет до самиот крај, кога во судиското надополнување Залмиева го постави конечниот резултат 0:2.
На вториот меч, Русинките ја потврдија својата надмоќ со висока победа од 5:0. Марија Дурнова го отвори резултатот во 15. минута со погодок со глава по изведен корнер.

Во вториот дел следеше целосна доминација на гостинките – Јукљаева зголеми на 0:2 во 53. минута, потоа Дарина Ишмухаметова и Глафира Жукова постигнаа уште два брзи гола, а токму Ишмухаметова со втор погодок во судиското продолжение, од пенал, го постави конечниот резултат 0:5.

И покрај поразите, овие натпревари беа одлична можност за македонската репрезентација да тестира млади фудбалерки и да стекне вредно искуство против една од најсилните селекции во Европа.
