Женската ракометна репрезентација на Македонија вечерва ќе го одигра својот прв домашен натпревар во квалификациите за Европското првенство 2026, против селекцијата на Словенија, во салата „Боро Чурлевски“ во Битола со почеток во 18:00 часот.
Селекторот Кристијан Грчевски направи неколку промени во составот во однос на претходниот натпревар против Германија. Наместо Матеја Чурлиновска на голот ќе застане Андреа Илиќ, а во тимот се враќаат Бојана Коцева и Марија Јанкуловска. Натпреварот ќе го пропуштат Моника Килдан Јанеска, Леона Миленкоска и повредените Сара Ристовска и Теодора Дукоска.
И противникот ќе настапи ослабен – Словенија допатува без неколку клучни имиња, меѓу кои Тјаша Станко и Нина Зулиќ, кои се надвор од комбинација поради повреди.

Нашите најголеми адути и овојпат ќе бидат Ризоска, Младеновска и Џатевска, кои се очекува да го предводат тимот во обид да се запише прва победа во овие квалификации и да се врати позитивна атмосфера во репрезентацијата.