Женската ракометна репрезентација на Македонија е победник на меѓународниот турнир „Трофеј Македонија“, кој изминатите денови се играше во Охрид. Нашиот национален тим до трофејот стигна по ремито 25-25 во африканското дерби меѓу Египет и Тунис, резултат кој ѝ одговараше на селекцијата на Кристијан Грчевски.
Македонија во последното коло службено ја доби средбата со Грција (10-0), откако грчкиот состав поради вирусна инфекција се повлече од турнирот. На тој начин, конечниот расплет зависеше од исходот на мечот Египет – Тунис. Иако Тунис во неколку наврати имаше предност од три гола, а Египет во завршницата напаѓаше за победа и трофеј, ударот на Раван во последните секунди го одбрани голманката Буида.
Со ова реми, Македонија заврши прва со четири бода, Египет е втор со три, Тунис трети со два, додека Грција остана на последното место поради предвременото повлекување.

По завршувањето на турнирот беа доделени и индивидуални признанија. Најдобар стрелец и МВП е Фатма Ауж од Тунис, која одигра извонреден турнир, додека признанието за најдобар голман го освои Египќанката Гома Маи.
За македонската репрезентација турнирот претставуваше одлична подготовка пред претстојниот квалификациски циклус за Европското првенство и натпреварот против Словенија на 19 октомври во Битола.