По две одиграни кола во Втората македонска фудбалска лига, време е и за прва посериозна анализа за новата сезона 2025/2026. Нова сезона, нови возбудувања, сезона која донесе многу погодоци на овие две кола, еден меч под рефлектори, но и лош старт за некои екипи.
Сезоната 2025/2026 ќе биде исполнета со многу предизвици пред се затоа што пет екипи директно ќе испаднат од Втора во Трета лига, а три ќе играат бараж за опстанок – ова е поради кратењето на лигата која од следната сезона 2026/2027 ќе се намали од 16 на 14 екипа, а со една цел – поголем квалитет.
Едно е сигурно – Шкендија Арачиново има старт каков што посака две победи од два натпревари и максимални шест бодови на своето конто.
Тимот на Љупчо Марковски – Калц тргна според планот кон остварување на своите цели, висока победа од 0:3 над Преспа во Ресен, а дома го доби Охрид со 2:1.

Четири екипи имаат по четири бодови – Осогово, Брегалница, Кожуф и Беласица. За „жетварите“ на Крсте Крстев едно може да кажеме – направија тим со кој сигурно е дека второлигашот од Кочани ќе биде далеку подобар од лани, а сигурно е дека Осогово ќе се бори за висок пласман, наместо за опстанок.
„Жетварите“ ги поделија бодовите со „рударите“ во Македонска Каменица, а пак во второто коло ги собраа трите бодови откако ја добија Преспа со 2:0.
Брегалница доби турски инвеститор и нова управа, но и нов тренер во името на искусниот стратег Влатко Костов, а штом во тимот имате ваков искусен тренер амбициите се јасни – Прва лига. Патем, Брегалница склопи и тим со искусни фудбалери, со прволигашко и меѓународно искуство и сигурно е дека ќе се цели кон враќање на „сините“ во ПМФЛ.
Брегалница сезоната ја отвори дома со реми без голови (0:0) и тоа е всушност засега единствениот меч без голови, а пак во второто коло го доби Вардар Неготино на „Цвај арената“.
Кожуф тргна според планот, младиот тренер Иван Варадиновски успешно го започна менаџирањето на тимот од Гевгелија, најпрво со реми во Штип против Брегалница, а потоа дома го доби Новаци. Всушност Брегалница и Кожуф се двете екипи кои по 180 минути фудбал во новата сезона немаат примено погодок.
„Одигравме дисциплинирано и трпеливо онака како што и се договоривме, имавме контрола и доминиравме во текот на целиот натпревар и заслужено дојдовме до победа. Честитки до играчите, голема благодарност до навивачката група „Фантоми“ за безрезервната поддршка“, рече тренерот на Кожуф, Иван Варадиновски за Спортска Мрежа.

Одличен старт има и Беласица која најави амбиции за враќање во Втората лига, а тимот на Александар Стојанов имаше реми против Охрид (1:1) на „Билјанини Извори“, а пак дома во вечерен термин како што доликува за Беласица против Скопје славеше со 3:2 во еден фантастичен меч со пет погодоци, пенал, пресврти…. уживање на публиката на стадионот „Благој Истатов“.
Детонит Плачковица со убедлива победа над Големо Коњари од 0:4 славеше на првиот меч од новата сезона, тимот на Горан Здравков одлично ја отвори сезоната, а во второто коло во меч со пет погодоци и два црвени картони во неговиот тим, радовишани загубија со пресврт од Тетекс со резултат од 3:2. Јегуновце ќе биде тешко освоива тврдина, а Тетекс ќе сака да биде максимален на домашен терен со цел да има доволно бодови за директен опстанок во ВМФЛ.
По натпреварот во кратка изјава за Спортска Мрежа, Горан Здравков истакна дека победата била победа за судијата.
„Судијата ја изгуби честа и образот, победата е на судијата, нека му служи на чест“, кратко рече тренерот на Детонит Плачковица.
Слога Виница по неколку сезони се врати во Втора лига, а во рамки на првото коло загуби во Автокоманда со минимални 1:0 од Скопје, но затоа во второто коло тимот на Емил Грнев го торпедираше Големо Коњари со 5:1, а ова се засега најголемата победа во ВМФЛ. Тимот од Виница има три бодови на своето конто, а повратникот ќе атакува на висок пласман.
Три бодови има и Новаци кој започна со триумф од 2:0 на домашен терен против Победа, а пак во второто коло тимот на Крсте Крстев загуби во Гевгелија од Кожуф. Во Новаци дуваат силни позитивни ветришта, бидејќи доби нов спонзор – Евротип застанува зад клубот, со комплетно нова управа, пристигнаа и големи засилувања како Христијан Драгарски и Петар Љамчевски. Ваквите околности најавуваат дека Новаци оди кон сигурен опстанок, а тоа ќе значи топ 8.
Скопје ја доби Слога Виница со минимални 1:0 и со триумф тргна во новата сезона, но тимот на Александар Таневски го загуби вечерното шоу во Струмица со 3:2 од Беласица. Но, мора да се потенцира фактот што тимот од Автокоманда тренира околу три недели, составен е од млади играчи и неколку искусни фудбалери, но како што вели Таневски ќе се оди коло по коло и бодовите ќе доаѓаат, а сигурно е дека „пиратите“ одат кон пласман во горниот дел од табелата.
Тетекс во првото коло загуби на „Цвај арената“ каде со 2:1 беше поразен од Вардар Неготино, па „штофарите“ во второто коло се поправија славејќи над Детонит Плачковица од 3:2. Тетекс кој го води Стојан Тодоровски има три бодови, а толку има и Вардар Неготино, токму од победата над Тетекс, а тимот на Горан Стојановски во претходно коло загуби на домашен терен од Брегалница со 0:2.
Каменица Саса во новата сезона тргна со реми на домашен терен против Осогово во дербито на Истокот, а пак во второто коло „рударите“ испуштија три бодови и мораа да се задоволат со бод, откако ремизираа со Победа играјќи 2:2. Тимот на Сашо Велиновски може да жали за овој резултат бидејќи имаше предност од 0:2, а на овој резултат имаше и пенал кој не го реализираше, а тоа го казни Победа со два гола за конечни 2:2 и поделба на бодовите.
Губењето на вакви бодови од директни конкуренти е важно предупредување дека тоа не треба да се повтори од причина што на крајот од сезоната тие бодови може да одлучат многу работи.

Охрид кој го води младиот тренер Ромео Кочоски летово беше меѓу најактивните на трансфер пазарот со ангажман на нови играчи. „Рибарите“ тргнаа со реми од 1:1 на домашен терен со конкурентот Беласица, а пак во второто коло преку пресврт загуби од Шкендија Арачиново со 2:1. Охрид има млада екипа на која ќе и треба време на воигрување, многу напорна работа и тренинг, бидејќи екипата има капацитет, квалитет и може да биде во горниот дел од табелата како и што најави самиот клуб.
И самиот Кочоски за Спортска Мрежа истакна дека веќе во следното коло на домашен терен против Осогово гледа идеална шанса за триумф и три бодови.
„Добро го отворивме натпреварот и дојдовме до рано водство. После имавме две три добри прилики за да ја дуплираме предноста но бевме брзоплети во завршницата од нападите. После тоа натпреварот отиде во тек каде што повеќе му одговараше на домаќинот и подобро се снајде и не казни. Според мене не заслуживме да заминеме без бод од ова тешко гостување. Не очекува натпреварот со Осогово каде што е време да се радуваме на прва победа во новата сезона“, рече тренерот на Охрид, Ромео Кочоски за Спортска Мрежа.
Победа имаше турболентно лето, најавениот спонзор не го превзема клубот бидејќи клубот има многу долгови, општината изгледа еден милион денари како помош за клубот, се собираа играчи во „5 до 12“ со цел Победа да ја започне сезоната и да се обиде да стигне до опстанок во лигата. Пристигнаа неколку засилувања, неколку фудбалери се вратија во дресот на поранешниот македонски шампион, а во новата сезона прилепскиот клуб кој го води Стојанче Дунимаглоски имаш пораз од Новаци (2:0) и реми на домашен терен со Саса (2:2).
Две екипи немаат бодови – новите второлигаши Големо Коњари и Преспа се единствените второлигаши без бодови. Преспа по долги години се врати во Втора лига, а Ресен доби второлигашки фудбал. Минатата сезона Преспа беше шампион во Трета лига – Југозапад, потоа во баражот беше поразена, па Беса најави дека нема да продолжи по испаѓање од Прва лига, се отвори шанса за Преспа која извиси од ждрепката за поразените третолигаши, а потоа Беса најави дека ќе игра. Пред да стартува сезоната Беса и официјално се откажа, а Преспа „влета“ во Втора лига.
Стартот од новата сезона не беше според планот, тимот на Неџат Хусеини загуби дома од Шкендија Арачиново со 0:3, а потоа следуваше и пораз од Осогово во Кочани од 2:0. Сепак, можеби и ќе треба време да се воигра тимот, бидејќи и немаше многу време за подготовки. Преспа засега е единствениот второлигаш кој по 180 минути второлигашки фудбал се’ уште нема постигнато гол.
Големо Коњари после долги години одново е второлигаш, но немаше старт каков што посакува. Тимот кој го води младиот тренер Јовица Блажески тргна со висок пораз на домашен терен од 0:4, а потоа во Виница доживеа дебакл откако загуби со 5:1 од Слога.

Но, радува фактот што на првиот домашен меч во прилепското село Големо Коњари имаше премногу публика, бидејќи на второлигашки фудбал се чекаше предолго, но ќе биде многу тешко Големо Коњари да избори опстанок. Во следното коло тимот на Блажески на домашен терен ќе игра со Беласица, уште еден голем фаворит, па сигурно е дека трите бодови ќе патуваат во Струмица, а се освен тоа ќе биде изненадување и успех за новиот второлигаш.
Детонит Плачковица има најмногу погодоци по двете кола вкупно шест, а чисти мрежи имаат Брегалница и Кожуф, а пак Преспа е единствениот тим без постигнат гол, додека пак Големо Коњари има најмногу примено погодоци вкупно девет.
| Поз. | Клуб | ОН | Поб | Н | Пор | ПОС | ПРИ | ГР | БОД |
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| 1 | ЗФК Шкендија Арачиново 77 | 2 | 2 | 0 | 0 | 5 | 1 | +4 | 6 |
| 2 | ГФК Осогово | 2 | 1 | 1 | 0 | 3 | 1 | +2 | 4 |
| 3 | ФК Брегалница 2008 АД | 2 | 1 | 1 | 0 | 2 | 0 | +2 | 4 |
| 4 | ФК Кожуф Гевгелија | 2 | 1 | 1 | 0 | 2 | 0 | +2 | 4 |
| 5 | ФК Беласица АД | 2 | 1 | 1 | 0 | 4 | 3 | +1 | 4 |
| 6 | ФК Детонит Плачковица | 2 | 1 | 0 | 1 | 6 | 3 | +3 | 3 |
| 7 | ФК Слога 1934 | 2 | 1 | 0 | 1 | 5 | 2 | +3 | 3 |
| 8 | ЗФК Новаци 2005 | 2 | 1 | 0 | 1 | 2 | 2 | 0 | 3 |
| 9 | ФК Скопје АД | 2 | 1 | 0 | 1 | 3 | 3 | 0 | 3 |
| 10 | ФК Тетекс 1953 | 2 | 1 | 0 | 1 | 4 | 4 | 0 | 3 |
| 11 | ГФК Вардар Неготино | 2 | 1 | 0 | 1 | 2 | 3 | -1 | 3 |
| 12 | ФК Каменица Саса | 2 | 0 | 2 | 0 | 3 | 3 | 0 | 2 |
| 13 | ГФК Охрид Лихнидос | 2 | 0 | 1 | 1 | 2 | 3 | -1 | 1 |
| 14 | ФК Победа АД | 2 | 0 | 1 | 1 | 2 | 4 | -2 | 1 |
| 15 | ФК Преспа | 2 | 0 | 0 | 2 | 0 | 5 | -5 | 0 |
| 16 | ФК Големо Коњари | 2 | 0 | 0 | 2 | 1 | 9 | -8 | 0 |